Get Adobe Flash player

Nowości ● Новини

Полска миса во Свето срце Христосово

Скопје, 2013, 25 декември

На 25 декември, првиот ден на Божиќ, во катедралата Свето срце Христосово се одржа традиционалната полска божиќна миса.
Полската колонија во Македонија, благодарејќи на полските воени свештеници во Косово имаат можност секоја последна недела во месецот да имаат миса на полски јазик, а Божиќната и Велигденската миса станаа традиција која трае толку време - колку што постои „Висла“.



„Петроф“ за Државното музичко училиште – Битола

Битола, 2013, 19 декември

Една долгорочна соработа меѓу Државното музичко училиште – Битола и Друштвото за македонско полско пријателство и соработка „Висла“ (ограник Битола) вроди со плод.
Имено, во декември годинава конечно во просториите на ДМУ се најде вистински концертен клавир – „Петров“. Клавирот е купен со средства на ДМУ – Битола и Полската амбасада во Република Македонија.
По тој повод на 19 декември, со почеток во 19 часот, се одржа свечен концерт на кој учениците од ДМУ свиреа во својата концерна сала. Пример за соработка.
Но, битолската музичка младина има уште една неостварена желба – некој од нив да се најде како учесник на престижните музички фестивали во Полска. Да се надеваме дека уиграниот триаголник ДМУ – Висла – Амбасада на Република Полска ќе стори уште еден мал, но искрен исчекор кон македонско – полското пријателство и соработка.

Тера ТВ


Божиќна средба со учениците и студентите

Скопје, 2013, 15 декември

Од годинава Амбасадата на Република Полска во Македонија воведе една интересна промотивна активност – на едно место ги собра учениците на Полското саботно училиште и студентите по Полонистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Поводот беа престојните Боќиќни и Новогодишни празници и во врска со тоа пеењето на традиционалните полски коледарски песни – коленди. На радост на најмладите Полската амбасада и овојпат на гостите им подари традиционални божиќни подароци.



XX „Шопенова вечер”

Битола, 2013, 22 ноември

Веќе по 20 пат Друштвото за македонско-полско пријателство и соработка „Висла”, огранокот во Битола, во соработка со Државното музичко училиште - Битола ја организиираше вечерта посветена на делата на познатиот полски композитор Фредерик Шопен.
Оваа година во пијано салата во Музејот на град Битола можеа да се слушнат 15 композиции во изведба на 12 ученици од Mузичкото училиште и професори, кои пред две децении за прв пат настапија на „Шопеновата вечер”. Професионално изведените дела на полскиот композитор ги импресионираа гостите, а секој од изведувачите беше награден со заслужем аплауз.
По првиот дел од концертот публиката имаше можност да се запознае и со полската поезија. Бидејќи 2013 година е прогласена за година на полскиот поет Јулиан Тувим, по тој повод друштвто „Висла”, одлучи да претстави дел од поезијата на поетот- стихови прочитаа младите рецитатори - како на полски така и на македонски јазик.
Концертот кој е познат како „Шопенова вечер” со своето присуство го почестија г-ѓа Марта Пшениосло, в.д. Амбасадор на Република Полска во Скопје, како и г. Коста Костовски, почесниот Конзул на Република Полска со својата сопруга. Овој настан, кој се одвива во рамкитена прославувањето на Деновите на полската култура во Република Македонија повеќе година зазема важно место на картата на културните настани во градот Битола. Поради тоа и ова јубилејно издание собра повеќе од 150 љубители на делата на полскиот композитор. Присуството на локалните медиуми го истакнува значењетона овој настан за Битола.


Почина Тадеуш Мазовјецки, првиот посткомунистички премиер на Полска

2013, 28 октомври

На 28 октомври 2013 година на 86-годишна возраст почина Тадеуш Мазовјецки, првиот премиер на Полска по падот на комунизмот и првиот некомунистички премиер во Источна Европа. Toj беше познат полски автор, демохристијански политичар, филантроп и еден од поранешнитe лидери на движењето Солидарност.
Мазовјецки е еден од иницијаторите на Тркалезната маса, преговори преку кои комунистичката власт и опозицијата ја подготвија Полска за мирен преод кон демократија. Функцијата премиер на Полска ја извршуваше од 24 август 1989 до 12 јануари 1991 година. Тој е првиот некомунистички премиер во Централна и Источна Европа по Втората светска војна.
Мазовјецки, во улога на специјален претставник на Обединетите нации за човекови права за земјите од поранешна Југославија, промовираше позитивен однос кон Република Македонија во првите години од нејзината независност.
Тој, во 1994 година од Советот за безбедност на Обединетите Нации побара итен прекин на грчкото ембарго кон Република Македонија, и надоместување на загубите на нашата држава.
Во 2002 година во интервју за „Утрински весник", Мазовјецки ја оспори употребата на привремената референца за именувањето на Република Македонија.
„Одлуката Македонија да се нарекува со референцата ФИРОМ едноставно е варварска. Не може таков назив "поранешна". Во името не може да биде "поранешна република", тоа никаде го нема. Не е сретнато никаде", изјави тогаш Мазовјецки.

Газета ТВ


16-та СВЕТСКА ОЛИМПИЈАДА НА ПОЛОНИЈА

Киелце, 2013, 3 - 10 август

Во деновите 3 - 10 август 2013 година во градот Киелце, Полска се одржа спортска манифестација под име 16-та СВЕТСКА ПОЛСКА ОЛИМПИЈАДА. Право на учество во Олимпијадата имаат сите полски граѓани кои живеат во странство - во дијаспората. Од Македонија учествуваа петмина учесници и добивме пет медаљи: 4 во пинг-понг и една во шах.
На Олимпијадата имаше околу 1.500 учесници од целиот свет, а само екипата од Канада броеше 140 учесника. Првото место на Олимпијадата, по добиените медали,го освои Република Чешка.
При отварање на Олимпијадата, секоја земја се претставуваше со свои учесници носејки го знамето на земјата учесничка. Кога дефилиравме при отварањето, го носевме македонското знаме, а пред поворката стоеше табла со натпис „МАКЕДОНИЈА„. Особено бевме горди кога се вееше македонско знаме при самото отварање и при доделување на 5-те медали.

Спорт ТВП